Земјите кои се потпираат на надворешно финансирање треба да спроведуваат политики што ќе значат превентива од евентуални надворешни нерамнотежи, како и од ескалација на приватниот или на јавниот долг. Оваа и неколку други сугестии изнесе вчера Френк Мос, директор на Генералниот директорат за меѓународни и европски односи при Европската централна банка. Тој вчера беше гостин на Народна банка на Македонија, каде што се одржа првиот состанок на Управниот комитет за проектот за соработка меѓу ЕЦБ и други централни банки од Евросистемот со нашата централна банка. Главна цел на овој проект, кој вчера беше промовиран во Скопје, е зголемување на капацитетот на НБМ и нејзино приспособување на европските стандарди.
Земјите кои се потпираат на надворешно финансирање треба да спроведуваат политики што ќе значат превентива од евентуални надворешни нерамнотежи, како и од ескалација на приватниот или на јавниот долг.
Оваа и неколку други сугестии изнесе вчера Френк Мос, директор на Генералниот директорат за меѓународни и европски односи при Европската централна банка. Тој вчера беше гостин на Народна банка на Македонија, каде што се одржа првиот состанок на Управниот комитет за проектот за соработка меѓу ЕЦБ и други централни банки од Евросистемот со нашата централна банка. Главна цел на овој проект, кој вчера беше промовиран во Скопје, е зголемување на капацитетот на НБМ и нејзино приспособување на европските стандарди.
Мос смета дека поголемиот дел од економиите во Југоисточна Европа треба да го сменат фокусот од домашните кон надворешните генератори на раст, што важи и за некои економии во еврозоната.
„Земјите со фиксен девизен курс, како и земји во рамките на монетарната унија кои имаат заедничка валута, треба да ја зголемат флексибилноста на пазарот на работна сила и пазарите на производи, како и да направат структурни приспособувања, со цел да се зголеми вработеноста во нивните земји, како и отпорноста на шокови во иднина. Земји кои се потпираат на надворешно финансирање, дали во овој регион или во еврозоната, треба да спроведуваат политики кои спречуваат развивање прекумерни надворешни нерамнотежи и ескалација на нивоата на приватен или јавен долг. Сите земји треба да се фокусираат на решавање на ризиците за финансиска стабилност и имаат потреба од безбедносна мрежа за справување со вонредни ситуации“, порача Мос.
Гувернерот Димитар Богов нагласи дека имајќи ја предвид стратешката определба на Македонија за членство во ЕУ, пред неколку години НБМ го иницирала овој проект за соработка со ЕЦБ. „Со проектот и спроведување на препораките што ќе произлезат од него би се овозможило НБМ полесно и ефикасно да го спроведе процесот на приклучување во Европскиот систем на централни банки, а подоцна и во Евросистемот, штом земјава ќе ги исполни критериумите за пристапување во ЕУ“, рече Богов.
Комитетот вчера ги усвои одредниците во сите планирани области од првата фаза, која, според гувернерот, успешно завршила. Изминатите три месеци експерти од ЕЦБ и националните централни банки, во соработка со експерти од НБМ, поставувале одредници за работа на нашата централна банка според европските стандарди, како и најдобри практики во областа на монетарната политика и политиката на девизниот курс, економска анализа и истражување, статистика, платни системи... Препораките ќе бидат основа за стратешките насоки за јакнење на институционалниот капацитет на НБМ. „Овој проект ќе придонесе и за обезбедување на ценовната и стабилноста и ефикасноста на финансискиот систем во земјата, што е и предуслов за членство во ЕУ“, истакна првиот човек на НБМ.
Според евроамбасадорот Аиво Орав, проектот ја покажува заедничката посветеност да се поддржуваат земјите со кандидатски статус. Тој вчера нагласи дека макроекономската и финансиската стабилност се многу битни, особено во време на криза.
„Тоа ги става централните банки во центарот на вниманието, а нивната посветеност придонесува за раст“, нагласи Орав.
Проектот го координира ЕЦБ, а се спроведува во партнерство со централните банки на десет земји од еврозоната и ќе трае девет месеци. Тој е одобрен во октомври лани, а вредноста е 450 илјади евра, од кои 405 илјади се од ИПА - фондовите на ЕУ.